Икарди со рецептот на Пандев: Со тужба за мобинг сака да стане слободен играч

Мауро Икарди е подготвен да ја продолжи војната со Интер и да го тужи својот клуб за мобинг, се со цел да добие раскин на штета на клубот и потоа како слободен играч да си ја избере следната дестинација во кариерата. Еден од последните кому ова му има успеано е Горан Пандев, кој на тој начин во 2010 година се ослободи од договорот со Лацио по војната што ја водеше со Клаудио Лотито, по што Македонецот како слободен играч се пресели во Интер.

Аргентинецот исто како и Пандев во тоа време беше натеран да тренира со младинскиот тим, а токму тоа ќе биде еден од главните аргументи што Икарди ќе ја достави до надлежните органи. Тој смета дека со своето однесување не заслужил таков третман, а серијата казни ќе ги посочи неосновани, се со цел да се изврши притисок врз него.

Икарди и неговата сопруга Ванда Нара (која воедно му е и агент) се на годишен одмор и не одговараат на повиците на клупската управа, уште еден доказ дека односот меѓу екс-капитенот и „нероаѕурите“ е сериозно нарушен. Целта на голгетерот е јасна – да добие раскин на договорот на штета на клубот, а потоа како слободен играч да добие многу повисока плата при својот следен трансфер.

Едно е јасно, ова ќе биде долго лето и за Интер и за Икарди, а ваквите информации се само најава за уште една „сапуница“ во која главна улога ќе ја има Ванда Нара.

Се вчитува...