Платини е уапсен за ручекот со Саркози, по кој Катарците влегле и во ПСЖ

Мишел Платини беше уапсен денеска во Франција, по што против француската фудбалска легенда ќе биде поднесено обвинение за вмешаност во „приватна корупција“ и „криминален заговор“ при гласањето за организација на СП 2022, што контроверзно му беше доделено на Катар.

Платини ќе биде испрашуван за поврзаноста со поранешниот француски претседател Николас Саркози, на кој бил присутен и катарскиот принц Тамим бин Хамад ал-Тани. Според обвинителите, токму тој состанок бил пресуден за Платини да го промени својот став, па наместо дотогашната поддршка на кандидатурата на САД, тој да се сврти кон Катарците.

Ова е поддржано и во едно од сведочењата на тогашниот прв човек на ФИФА, Сеп Блатер, кој обелодени дека Платини непосредно по тој ручек му се јавил и му соопштил „Јас веќе не одлучувам, од главата на државата ми беше кажано да размислувам за целокупната ситуација на Франција“.

Само неколку месеци по тој состанок, катарските инвеститори влегуваат во ПСЖ, a во истиот период на францускиот пазар влегува и спортската телевизија со катарски капитал, „Беин Спортс“, која го потиснува дотогаш доминантниот „Канал Плус“. Воедно, синот на Платини е вработен во менаџментот на катарската компанија за спортска опрема „Бурда Спорт“, функција од која тој самиот си замина во 2016 година.

Поранешниот претседател на УЕФА во неколку ситуации демантираше дека неговата одлука да гласа за Катар не била донесена под притисок на Саркози, но обвинителството верува дека сега има доволно докази за да го убеди Платини да сведочи против поранешниот претседател.

Се вчитува...