Актуелниот европски првак Вардар потпиша двегодишен договор со голманот Кугис Артурс (26), репрезентативец на Летонија кој доаѓа од екипата на Гросвалштат. Сезонава Артурс одигра 35 натпревари за Гросвалштат, а со репрезентацијата на Летонија избори пласман на ЕП 2020 година.
„Навистина сум среќен што потпишан договор со Вардар, и ќе бидам дел од еден од најдобрите спортски тимови во ракометот. Се разбира со потпишувањето на овој договор си поставив и цел да бидам најдобар што можам. Скопје за мене е центарот на ракометот. Се надевам заедно можеме многу да постигнеме. Сакам да се заблагодарам на клубот што ќе можам да играм за Вардар. Едвај чекам да играм во „Јане Сандански”, изјави Кугис Артурс за официјалниот сајт на клубот.
Вардар во втората половина на јули ќе ги почне подготовките за новата сезона, а сигурно е дека на крајот на август треба да настапи на Супер Глоуб каде ќе се обиде да стигне и до титулата на неофицијалното клупско СП.
„Вардар секогаш знаел да препознае квалитет во некој играч кој набрзо по доаѓањето во нашиот клуб веднаш станувал препознатлив на меѓународна сцена. Веруваме дека и со Артурс ќе биде исто, и ќе продолжи исто како и неговите претходници меѓу стативите на „црвено-црните”, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА