Во италијанскиот фудбал со години наназад владее трендот поголемите клубови да купуваат што повеќе фудбалери, кои потоа ги испраќаат на позајмица во помалите екипи, со надеж дека некој од нив ќе блесне и ќе им донесе сериозна заработувачка.
Во речиси секој договор за позајмица има и клаузула со сума за откуп на крајот на сезоната, како онаа што СПАЛ ја искористи за да го доведе Кевин Бонифаци. Станува збор за играч на Торино кој настапуваше на позајмица во СПАЛ, се покажа во одлично светло, по што оваа екипа издвои 10 милиони евра за да го откупи неговиот договор со „торинезите“.
Приказната не завршува тука, бидејќи Торино во истиот тој договор внесе клаузула со која може да го врати Бонифаци од СПАЛ за отштета од 11 милиони евра. А челниците на Торино оваа клаузула ја искористија само 24 часа откако го продадоа фудбалерот. Целта е јасна – во меѓувреме вредноста на овој фудбалер скокна на околу 15 милиони евра, па Торино ќе настојува да заработи од неговата продажба веќе во текот на летниот преоден рок. Заинтересирани се Милан, Рома и Аталанта, одлуката ќе биде донесена во следните триесетина дена, но јасно е дека Бонифаци нема долго да остане во Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА