Фенербахче е подготвен за суперзасилување со кое тимот на Жељко Обрадовиќ ќе се обиде да се врати на тронот на турската и на европската кошарка, титули што ги загуби во изминатите два месеци по поразите од Анадолу Ефес. Нандо де Коло е „бомбата“ што ќе пукне во кошаркарска Турција, откако францускиот бек ги договори условите за соработка со Фенер, трансфер што се очекува да биде официјализиран во следните 48 часа.
Де Коло по двете освоени европски круни реши да си замине од ЦСКА Москва, но се очекуваше тој да се пресели во Шпанија, каде Валенсија и Реал Мадрид испратија богати понуди за негов ангажман. Сепак, ситуацијата се промени откако во трката се вклучи и турскиот гигант, кој понуди подобри услови од ривалите и го убеди Де Коло да му се приклучи на проектот на тренерот Обрадовиќ.
Фенербахче летово остана без двајца клучни играчи откако Гудуриќ и Мели се преселија во НБА-лигата, но со ангажманот на Де Коло дефинитивно ќе се направи голем чекор напред кон создавање на тим за освојување на трофеи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА