Арјен Робен обелодени дека ја завршува својата кариера, одбивајќи ги сите понуди што пристигнаа на негова адреса по заминувањето од Баерн Минхен. За Холанѓанецот се интересираа екипи од Италија, доби понуди и од Кина, САД, како и од својот поранешен клуб ПСВ Ајндховен, но Робен реши Баерн да биде последен клуб во неговата фантастична кариера.
„Многу размислував во последните неколку седмици, сакав да ја донесам најдобрата можна одлука по заминувањето од Баерн. На крајот – решив да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Наспроти големата љубов кон спортот, реалноста е дека веќе не сум она 16-годишно момче кое не знае што значи повреда“ – истакна Робен.
Арјен Робен ја почна кариерата во Гронинген, тим за кој дебитираше на 16 години во првата екипа. Следеше трансфер во ПСВ Ајндховен, од каде по една освоена титула во 2004 година се пресели во Челси за сума од 18 милиони евра. Тој освои две титули во Премиер-лигата играјќи за Жозе Мурињо, по што се пресели во Реал Мадрид во 2007 година. Тој остана две сезони на „Сантијаго Бернабеу“, по што замина во Баерн, клуб за која настапуваше десет сезони, одигра 309 натпревари и постигна 144 погодоци. Во колекцијата на трофеи на Робен од Баерн се осум титули во Бундес-лигата, пет во Купот на Германија и еден пехар од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА