Секое чудо за два дена, или кога станува збор за мак-кошарката – за една сезона. Толку траеше заложбата со правило за задолжителен настап на домашни играчи да се опорави овој спорт од кризата во која се наоѓаше и се уште се наоѓа. Уште при неговото донесување беше нагласено дека ова е долгорочно решение, за кое ќе треба да минат најмалку неколку сезони за да се видат придобивките. Сепак, смената на кошаркарската власт придонесе клубовите повторно да дојдат на идеја да се бараат промени.
Речиси сите клубови ја поддржуваат идејата чии иницијатори се два – и тоа оние со најголем буџет, финалистите од последните две години. Оној првиот, чиј Градоначалник среде седница на Управен Одбор на МКФ побара од вечниот ривал да размисли за намалување на вложените општински пари во клубот. Истиот тој клуб пред две сезони имаше две младински титули, но тренерите си заминаа поради неисплатени плати. Ако младинската школа функционираше како што треба, ќе овозможеше и евтини млади играчи кои ќе имаа можност полека да влегуваат во прволигашкиот систем. Вака, откако речиси сите млади таленти си заминаа, се тргнува од почеток.
Вториот клуб, во кој тренерот „шеруваше“ текстови со кои минатото лето се предупредуваше на негативностите од ова правило, но потоа по „телефонски повик“ ги бришеше своите ставови по нечија наредба. Ставот од редовите на шампионот „кога има пари – нека ги земат барем наши играчи“ целосно се смени, причина може да има само една – ќе нема буџет како лани. Истиот тој клуб треба да има и втора екипа во елитното друштво, па пред управата е избор – дали парите ќе ги даде на скапи странци, па догодина пак ќе се жали, или ќе инвестира во иднината, за правилен развој на долгорочен проект.
Во мак-баскетот владее добро познато правило, кога ќе снема пари, тогаш се „инвестира во младите, кои заслужуваат шанса што секогаш ја добиваат само од клубовите што мака мачат да врзат крај со крај“. Само што и младите се „искурназија“, па сега и оние за кои до неодамна никој немаше слушнато, сега одеднаш бараат плата од најмалку илјада евра. Свесни се и тие за размерот на својот (не)квалитет во однос на парите што ги бараат, но гледаат максимално да заработат кога им се укажува шанса, не размислувајќи дека токму поради таквиот однос сега се бара укинување на правилото за домашни играчи.
Ова воедно е и првиот „жежок костен“ во рацете на Перо Антиќ и неговите соработници од раководството на МКФ. Одлуката не е лесна, страните се толку спротивставени што незадоволни сигурно ќе има, а конечната одлука ќе ја има федерацијата. Од една страна се кошаркарите, кои треба да ги заштитат согласно слоганот „Спортот на спортистите“, од друга се клубовите, кои пак имаат моќ да се закануваат со неиграње, па дури и да гласаат за (не)доверба на Вонредно Собрание.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА