Рома продолжува со распродажбата на екипата од ланската сезона, па по заминувањето на Манолас во Наполи официјализиран е уште еден трансфер – Стефан ел Шарави се сели во Кина. Шангај Шенхуа ќе биде нов клуб на „малиот фарон“, откако челниците на кинеската екипа се согласија да платат 16 милиони евра за да го откупат неговиот договор со Рома.
Самиот фудбалер ќе добие огромни 40 милиони евра за две и пол сезони, што беше сосема доволна причина за офанзивецот да се реши да замине од Италија и да се пресели на Далечниот Исток. Актуелниот договор на Ел Шарави со Рома истекуваше на крајот од сезонава, двете страни беа далеку од заеднички јазик за продолжување на соработката, па „волчицата“ реши да заработи летово наместо да се доведе во ситуација следната година овој играч да си замине без никаква отштета.
По Манолас и Ел Шарави, следни на листата за заминување од „Олимпико“ се Един Џеко и Александар Коларов, додека капитенот Де Роси веќе е минато откако управата воопшто не му понуди нов договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА