Вардар ангажираше уште еден ракометар за позицијата пивот, потпишувајќи договор со 21-годишниот словенечки интернационалец Домен Сикошек Пелко. Станува збор за ракометар висок 202 сантиметри, кој ќе се бори со Стоилов и со Горпишин за место во тимот во нападот, но сигурно ќе има значајна улога и во играта во одбрана на „вардарци“. Тој доаѓа во Скопје од австрискиот шампионат, каде настапуваше за екипата на Брук.
„Голема чест и задоволство е кога може да ти се исполнат соништата и да добиеш шанса да играш за европски првак и институција каква што е Вардар. Знам дека ме чека уште многу сериозна и напорна работа и докажување, но и сигурен сум дека ќе дадам се од себе, па и повеќе од 100 отсто. Се радувам на соработката со тренерот Давид Писонеро и со нетрпение го очекувам почетокот на подготовките. Доаѓам од Словенија од ракометното школо на РК Требње, а од таму потекнува и мојот сонародник Сташ Скубе, па сигурно тоа и ќе ми помогне околу адаптацијата во тимот“ – изјави Пелко по потписот на договорот со „вардарци“.
Сикошек Пелко во кариерата има настапувано во тимот на Брежице, каде настапуваше во младинските категории. Во сезоната 2013/2014 првпат е регистриран за сениорскиот тим на Кршко, но настапува за кадетите и за младинците. Две сезони подоцна повторно се враќа во тимот на Брежице и една полусезона настапува за Добова. Од 2016/2017 е дел од тимот на Требње. Таму не доби соодветна минутажа, па реши да замине во странство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА