Шефот на стручниот штаб на Шкупи, Умит Каран верува дека доколку неговиот тим одигра согласно договореното може да се стигне до позитивен резултат од гостувањето во Ерменија на стартот од квалификациите за Лигата на Европа.
Шкупи утре од 15:30 часот во Ереван против Пјуник го игра првиот натпревар од 1. квалификациско коло за ЛЕ.
„Мора да нагласам дека кога минатата година го презедов Шкупи на последната позиција сите ни предвидуваа преселба во Втората лига. Но силно верував во моите играчи и напорно работевме за да дојдеме до овој момент и настапот во Европа. Навистина имам тим со силен карактер, срце и талент, но најважно од се е тоа што се чувствуваме како семејство. И тоа не носи до успеси“ – рече Каран на денешната прес-конференција во Ереван и дополни:
„Знаеме дека Пјуник е квалитетен тим. Можеби тие претходно беа подобри од Вардар и некои други екипи од Македонија, но доколку одиграме како тим како што знаеме и умееме верувам во позитивен резултат од Ереван“.
Слично е размислувањето и на капитенот Муарем Бајрами кој нагласи дека Шкупи ќе се бори за пласман во следната рунда натпревари во Лига Европа.
„Работевме одлично на подготовките. Не очекува прилично организиран противник, но добро го анализиравме и ги знаеме и нивните слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористите за да бидеме севкупен победник во овие два натпревари. Се жртвувавме низ целото првенство минатата сезона токму затоа што со нетрпение го очекувавме овој момент. Затоа ќе дадеме се од себе утре за да дојдеме до позитивен резултат“ – рече Бајрами.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА