Историското, за себе, деби на европската сцена фудбалерите на Академија Пандев посакуваат да го крунисаат со победа против Зрињски на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје.
Стратегот на „пандевци“, Југослав Тренчовски нагласува дека до посакуваниот триумф, против босанскиот прволигаш во првиот натпревар од стартното квалификациско коло во Лигата на Европа, единствено може да стигнат со тимска игра која е главна одлика на струмичкиот тим.
„Со нетрпение го очекуваме деби натпреварот за нашиот клуб во Европа. Дуелот со Зрињски е голем предизвик за нас од кој секако очекуваме позитивен резултат. Ја оставаме фаворитската улога на противникот, но знаеме и дека ако одиграме со срце и покажеме карактер можеме до победата. Нашата предност е тимската игра. Ако се прашувам јас, секој резултат без примен гол ќе биде добар за нас пред реваншот“ – вели Тренчовски.
Шефот на стручниот штаб на Академија Пандев веќе го знае и стартниот состав со кој ќе се спротистави на Зрињски.
„Во голема мера знам со кој состав ќе стартуваме против Зрињски. Останаа само една или две дилеми: Темелков или Стојкоски, односно Велиновски или Миловановиќ. Се друго е познато“ – вели Тренчовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА