Финансиските малверзации што управата на Палермо ги правеше во последните години скапо го чини сицилијанскиот клуб, кој е исфрлен и од втората италијанска лига. Она што беше најавувано во последните денови денеска доби и официјална потврда, откако Федералниот Суд во Рим ја потврди одлуката за исфрлање на Палермо од „Серија Б“, и тоа во „Серија Д“ како најнизок ранг на натпреварување. Местото на сицилијанскиот состав во втората лига ќе му припадне на тимот на Венеција.
Финансискиот колапс сам по себе значи и раскин на договорите со фудбалерите, кои ќе можат да си заминат без никаква отштета. Во ситуација кога можеа да добијат раскин и врз база на парите што им се должат, играчите решија да останат лојални до крај и да го дочекаат расплетот во Палермо.
Сега кога е јасно дека веќе нема да постои клуб на сериозно ниво и со значителен буџет, Несторовски, Трајковски и соиграчите се слободни да ја изберат самите следната дестинација во своите кариери. Несторовски би требало во следните неколку дена да го официјализира трансферот во Удинезе, а многу поинтересна е трката за Трајковски, за кого се интересираат неколку клубови од Италија, но и Спортинг Лисабон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА