Се откриваат деталите: Елмас оди во Наполи за 16 милиони евра плус 4 милиони бонус

Трансферот на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас од Фенербахче во Наполи треба официјално да се реализира во понеделник, пренесува „Скај Италија“ изнесувајќи веќе и детали од договорот меѓу двата клуба.

20-годишниот Елмас, ако се верува на италијанските медиуми, во Наполи треба да се пресели за сума од 16 милиони евра која Италијанците треба да им исплатат на Турците, плус четири милиони бонус. Еден од најголемите македонски таленти, пак, со наполитанците треба да потпише четиригодишен договор откако претходно во понеделник, според информациите од Апенините, треба да ги мине најпрво лекарските прегледи.

Можната реализација на трансферот претходно ја потврди и претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис кој истакна дека неговиот клуб посакува најпрво да се ослободи од непотребните фудбалери во тимот па потоа да размислува за засилувањата, меѓу кои е Елиф Елмас.

Доколку и официјално се реализира трансфер на Елмас во Наполи тоа ќе биде најголемиот трансфер на еден македонски фудбалер во историјата.

Се вчитува...