Гонзало Игуаин е многу блиску до преселба во Рома откако раководството на „римската волчица“ постигнало договор со Јувентус за ангажман на аргентинскиот голгетер. Аргентинецот е разочаран што нема да добие нова шанса во Јуве дури ни под водство на Маурицио Сари, па токму затоа инсистира на „бонус“ за заминување од клубот, заканувајќи се дека во спротивно ќе остане во таборот на „црно-белите“ и во следната сезона ќе заработи најмалку седум милиони евра греејќи ја клупата на Јуве.
„Старата дама“ веќе ја прифати понудата на Рома, девет милиони евра за едногодишна позајмица, плус задолжително откупување на договорот на Игуаин следното лето за дополнителни 27 милиони евра. Во ситуација кога немаше премногу заинтересирани клубови јасно е зошто Јуве се согласи на помала отштета од посакуваната. Директорот Паратичи е подготвен дури и позитивно да одговори на барањето на Игуаин и да му даде на Аргентинецот бонус меѓу два и три милиони евра, што би ја покрил разликата во плата што Аргентинецот ќе ја зема во Рома во однос на онаа што ја има загарантирано во Јуве.
Рома во Игуаин ќе добие врвен голгетер, што ќе значи и дефинитивно зелено светло за преселбата на Един Џеко во Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА