Ново разочарување од Шкендија: И Дуделанж го победи македонскиот првак

Македонскиот првак Шкендија донесе ново разочарување во вториот европски настап на домашен терен. И во Лигата на Европа, Шкендија загуби дома, овојпат од Дуделанж, претставникот на Луксембург со 1-2. И повторно идентичен развој на настаните, водство и промашени шанси по првиот дел, а потоа голем пад во играта, катастрофални грешки на голманот и потесната одбрана кои носат пораз.

Агим Ибраими од пенал донесе водство за Шкендија, а Омајеб и Синани од пенал во вториот дел направија целосен пресврт. Дебитираше Фелипе, беше еден од подобрите во тетовскиот тим, но очигледно е дека Ќатип Османи ова лето ја нема победничката формула. Ако не е тоа, „кец во два“…

Шкендија поведе во седмата минута. Марјан Радески беше соборен во шеснаесетникот, судијата Торе Хансен покаа на белата точка, а Агим Ибраими е веќе докажан пеналџија. Лесно реализираше за водство на македонскиот првак.

Нова колосална шанса Шкендија имаше во 27.минута. Марјан Радески доби одлична топка од позадина, излезе сам пред противничкиот голман и се обиде да го лобува, но многу неуспешно.

Во 38.минута, Радески одлично го проигра Агим Ибраими, тој од левата страна гаѓаше во спротивниот горен агол, но за малку беше непрецизен. Две минути подоцна Фелипе шутираше, но голманот Тим Кипс го одбрани неговиот удар.

Радески и Агим Ибраими се заканија и на почетокот на вториот дел, но голманот на Дуделанж беше на вистинското место. Потоа дојде казната за промашувањата.

Огромна грешка направи голманот Бекир Реџепи, топката го прелета и му подари гол на Адел Бетајеб, кој во првиот контакт со топката го израмни резултатот во 64.минута. Четири минути подоцна, Реџепи направи и пенал, а Данел Синани донесе водство за Дуделанж.

Агим Ибраими во 84.минута шутираше од 20 метри, но Тим Кипс уште еднаш одбрани.


ВТОРО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛИГА ЕВРОПА

ШКЕНДИЈА – ДУДЕЛАНЖ 1-2 (1-0)

Арена „Тодор Проески“. Гледачи: 3.000. Судија: Торе Хансен (Норвешка). Стрелци: А Ибраими 7’ пенал (Шкендија). Ж. картони: Радески, Мици, Реџепи (Шкендија), Бухуари, Покар (Дуделанж).

ШКЕНДИЈА: Реџепи, Мурати, Муслиу, Бејтулаи, Мици (76’ Имери), Хусмани (60’ Тотре), Алими, Фелипе, А. Ибраими, Жуниор, Радески (62’ Б. Ибраими).

ДУДЕЛАНЖ: Кипс, Шнел, Делгадо, Кирч, Бугрин (46’ Берние), Покар, Штолц, Гарос (79’ Морен), Бухуари, Синани, Кабрал.

Се вчитува...