Реал Мадрид веќе потроши над 300 милиони евра на нови засилувања, се најавуваат уште околу 150 милиони за Пол Погба, но „кралевите“ се далеку од нивото што му прилега на најтрофејниот европски клуб. Слабите игри во подготвителниот период уште повеќе го кренаа алармот меѓу навивачите, кои се разочарани што наместо „ресетирање“ по ланската катастрофална сезона, се продолжува во ист стил.
„Реал го очекува нова „црна сезона“. Навивачите со право се бесни“ – пишува весникот „Марка“, повикувајќи се на резултатите од својата анкета.
Зинедин Зидан беше пречекан како спасител кон крајот на ланската сезона, не се обрнуваше внимание на променливите игри и резултати во последните кола, но откако Реал продолжи во ист ритам и летово се погласни се оние кои се сомневаат дека Зизу без помошта на Кристијано Роналдо ќе успее да создаде „победничка машинерија“.
Повредите уште повеќе ја компликуваат ситуацијата, откако Асенсио е загубен за цела сезона, а во текот на подготовките редовно се повредуваат уште по два-три фудбалери. Јасно е, предизвикот ќе биде огромен, особено во ситуација кога Барса фантастично се засили, а доколку Зидан не стартува според очекувањата, лесно може да се случи тој до крајот на оваа 2019 година да добие отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА