Јуниорската репрезентација на Македонија во топ-форма ќе го дочека Европското Првенство – А дивизија во Италија во кое „црвено-жолтите“ ќе учествуваат во текот на следниот месец. По успешните контроли со Бугарија, нашите млади кошаркари беа домаќини на силен турнир во Скопје, при што забележаа две победи и еден пораз против силни ривали.
Избраниците на селекторот Дервишевиќ турнирот го почнаа против Израел, дуел во кој целосно му парирааа на реномираниот ривал, губејќи со минимални 65-66, не користејќи го последниот напад што можеше да им донесе и победа. Митревски и Величковски беа најефикасни со по 12 поени на овој натпревар.
Македонија синоќа се сретна со селекцијата на Полска, триумфирајќи со 71-66. Конечниот исход не е реална слика за мечот ако се знае дека нашите кошаркарски надежи уште во првата четвртина поведоа со 24-10, речиси цел натпревар имаа двоцифрена предност, а противникот се врати дури во самиот финиш, добивајќи ја четвртата четвртина со 13-30. Митевски со 24 поени беше прв стрелец на оваа средба, а Тео Симиќ постигна 12 поени.
Успешниот настап беше комплетиран утрово, кога Македонија триумфираше и во пресметката против соодветната селекција на Чешка (68-61). Овој меч го одбележа израмнета битка, а пресудна беше последната четвртина што Македонија ја доби со 21-12 и стигна до победата. Наков со 21 поен беше главна фигура во денешниот триумф, додека Хот заврши со дабл-дабл од 10 поени и 11 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА