Интер се откажува, Лукаку е пред потпис со Јуве

Ромелу Лукаку се наоѓа пред заминување од Манчестер Јунајтед, но тоа нема да биде во Интер како што се најавуваше подолг период, туку во таборот на Јувентус. Италијанските медиуми тврдат дека „старата дама“ е далеку пред „нероаѕурите“ во оваа трка, користејќи го Пауло Дибала како „џокер“ во преговорите“ со „црвените ѓаволи“.

Интер долго време преговараше со англискиот гигант, но клубот од Милано во ниту еден момент не се приближи до сумата од 80 милиони евра на која Јунајтед го има проценето „белгискиот џин“. Во Јувентус го немаат тој проблем бидејќи Дибала е проценет на 100 милиони евра, па лесно може да се договори и директна замена на двајцата напаѓачи, со мала доплата од страна на „ѓаволите“. Лукаку сака да игра крај Роналдо во Јувентус, а единствен проблем во моментов се чини убедувањето на Дибала на преселба во Премиер-лигата, за што клубовите се оптимисти дека ќе успеат да најдат решение. Преодниот рок во Англија завршува на 8 август, па јасно е дека преговорите мора да финишираат што поскоро.

Од раководството на Интер веќе најавија дека немаат намера да ја зголемуваат веќе испратената понуда до Манчестер, како уште еден доказ дека „нероаѕурите“ ја губат трката за најголемата желба на Антонио Конте во овој преоден рок. Сега се најавува дека Интер вниманието ќе го насочи кон Единсон Кавани, но тешко е да се верува дека ПСЖ во случај на заминување на Нејмар ќе продаде уште еден член на своето напаѓачко трио.

Се вчитува...