Шкендија елиминирана: Реми и три црвени картони за шампионот во Луксембург

Шкендија доживеа елиминација од Дуделанж во второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Македонскиот првак ремизираше (1-1) на реваншот во Луксембург, но поразот од Скопје (1-2) беше клучен за елиминацијата. Рикардо Делгадо погоди за Дуделанж во 78.минута, а израмни Агим Ибраими од слободен удар во 92.минута. Шкендија го заврши мечот со три црвени картони, откако во финишот беа исклучени Муслиу, Нафиу и Агим Ибраими.

Првата стопроцентна шанса „црвено-црните“ ја имаат во 9. минута кога топката стигна до Бесарт Ибраими, кој шутира од прво, но наместо мрежата ја затресе само гредата од голот на Дуделанж. Во 15. минута опасен удар од работ на шеснаесетникот испрати Агим Ибраими, но беше за малку непрецизен. Дуделанж единствената шанса ја имаше во 18. минута, кога по едно долго додавање домашниот напаѓач излезе еден на еден со Захов, но голманот на Шкендија успеа да ја сочува мрежата.

Веќе во следната минута можеше да стигне казна, Бесарт Ибраими ја прими топката на гради, но откосо биеше само во надворешниот дел од мрежата. Во 31. минута нова шанса за Шкендија, по корнер од левата страна топката стигна до петерецот, но Радески не се снајде најдобро.

 

Пет минути подоцна – катастрофална грешка на еден домашен дефанзивец, кој го лобуваше голманот на работ од шеснаесетникот. Сепак, чуварот на мрежата на Дуделанж се врати и на самата гол-линија спаси топката да не заврши во мрежата.

Последната шанса во полувремето Шкендија ја имаше во 42. минутаа, кога Агим Ибраими беше проигран во шеснаесетникот, но кога полесен дел од задачата беше да се смести топката во мрежата „десетката“ на тетовци биеше крај дирекот.

На стартот од вториот дел се закани Дуделанж. Во 47. минута, Адел Бетајеб со удар со глава ја погоди гредата од голот на Шкендија.

Се заканија и Радески и Агим Ибраими, но попусто, Шкендија заслужи да биде елиминирана поради нереализираните можности.

На крајот, Дуделанж им покажа како треба да се постигне гол. Рикардо Делгадо во 78.минута ја затресе мрежата на Шкендија. Во финишот Висар Муслиу беше исклучен поради два жолти картони.

Агим Ибраими во 92.минута од слободен удар погоди за 1-1. По ова, во нервозните последни секунди, црвени картони зараборија и Нафиу и Агим Ибраими, а Македонија остана без претставници во фудбалска Европа.

Се вчитува...