Македонската кошаркарска репрезентација ќе влезе со нов селектор во квалификациите за Евробаскет 2021, откако новото раководство на КФСМ реши да не ја продолжи соработката со актуелниот кормилар Јорданчо Давитков. Искусниот стратег имаше договор до летово, но Перо Антиќ и неговите најблиски соработници сметаат дека националниот тим треба да добие нов кормилар. Со оглед на промените во календарот на ФИБА и фактот дека сениорите новите квалификации ќе ги стартуваат во февруари 2020 година, челниците на КФСМ нема да брзаат со изборот на нов кормилар.
Давитков пристигна на чело на репрезентацијата во пресрет на квалификациите за СП 2019. Под негово водство доживеавме фијаско освојувајќи го последното место во групата со Естонија и со Косово, но тој остана на клупата и преку два претквалификациски циклуси ја врати Македонија назад во главните квалификации за Евробаскет 2021. Желба на селекторот е тој да остане на чело на националниот тим паралелно со клупскиот ангажман во Кувајт, но конечниот збор ќе го има федерацијата чии предводници веќе ја донеле одлуката за селекторска смена.
Марин Докузовски беше голем фаворит во оваа трка, но екс-селекторот реши да земе едногодишен одмор од кошарката. Во една таква ситуација сега прв избор што ќе треба да се направи е дали за кормилар да се ангажира домашен стратег или странец. Една од опциите за домашен селектор е Алек Јончевски, кој е именуван за предводник на новоформирана „Б-селекција“, но Антиќ и соработниците се решени да не брзаат по ова прашање и добро ќе размислат пред да ја донесат конечната одлука.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА