Само парична казна: Манчестер Сити се спаси од забрана за трансфери

Манчестер Сити се спаси од посериозна санкција од страна на ФИФА откако светската куќа на фудбалот се реши само парично да го казни англискиот првак поради нелегални трансфери на малолетни фудбалери. Во слични случаи беа изрекувани и забрани за трансфери на клубови како Челси, Барселона и Атлетико Мадрид, се очекуваше истиот тренд да продолжи и со „граѓаните“, но ФИФА денеска објави дека Сити ќе треба само да плати парична казна од 370.000 швајцарски франци.

„Дисциплинскиот комитет на ФИФА реши да го казни Манчестер Сити поради прекршување на правилата околу меѓународни трансфери и регистрација на фудбалери помлади од 18 години. Во предвид беше земено што клубот ја прифати вината, поради што беше изречена парична казна од 370.000 франци“ – се вели во официјалното соопштение на ФИФА.

Манчестер Сити се уште е под истрага на УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј, а се очекува до крајот на месецов европската куќа на фудбалот да ја одреди казната за „граѓаните“.

Се вчитува...