СП 2019: Против Аргентина за збогум

Аргентина беше првиот, а ќе биде и последниот противник на македонската кадетска репрезентација на Светското ракометно првенство кое се одржува во Скопје. Нашата репрезентација по осминафиналната елиминација од Португалија денеска ќе разигрува за пласман на 13. место.

Аргентинците не поразија на отворањето на шампионатот, во натпревар во која македонската репрезентација имаше и опиплива предност, но не успеа за отвори со успех. Аргентина во четвртфиналето загуби од Германија.

По осминафиналниот дуел со Португалија, селекторот Данило Брестовац во кратката анализа на настапот на македонската репрезентација ги посочи добрите и лошите страни на нашиот тим.

 „Задоволен сум како одиграа играчите од десната страна, како и од голманите. Проблематична ни беше левата страна. Ќе биде успешна оваа генерација ако покрај Серафимов, Костески и Кизиќ извадиме уште некој ракометар. Знам дека постои разочарување, но ако сме искрени, ние сме селекција од Б-дивизија и треба да тежнееме што побрзо да дојдеме до А-дивизија. Исто, мора нашите играчи и да играат во клубовите во кадетска или сениорска конкуренција. За разлика од нас, играчите на Португалија на пример, играат сите редовно во клубовите. Кај нас мора да ги промовираме овие млади играчи да почнат да играат редовно во лигите, а да ги скратиме странците“ – вели Брестовац.

Натпреварот против Аргентина е шанса за македонската репрезентација победнички да го заврши настапот на ова Светско првенство. Мечот денеска е во 16.15 часот во салата „Борис Трајковски“ каде што нашиот тим ги одигра и сите претходни дуели.

 

 

Се вчитува...