Јувентус никако не успева да се ослободи од некој од прекубројните напаѓачи што тренерот Сари ги има на располагање. Дибала го одби Манчестер Јунајтед, Гонзало Игуаин не сака кариерата да ја продолжи во Рома, а сега пропаднаа и преговорите со Баерн Минхен за преселба на Марио Манџукиќ на „Алијанц Арена“.
Германскиот весник „Билд“ уште пред петнаесетина дена ја објави веста за интересот на германскиот првак, што подоцна беше потврдена и од тренерот Нико Ковач, своевремено репрезентативен колега на Манџукиќ од хрватскиот национален тим. Сепак, овојпат проблемот не беше во фудбалерот, кој беше подготвен да се врати во клубот за кој настапуваше до пред пет сезони, туку во непостигнатиот договор меѓу клубовите.
Јуве се согласи на позајмица на една сезона, но со тоа што Баерн следното лето ќе има обврска да го откупи Манџукиќ за вкупна сума од 15 милиони евра. Баварците десетина дена тактизираа, за денеска и дефинитивно да дадат негативен одговор, прекинувајќи ги преговорите за ангажман на „Супер Марио“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА