Поранешниот тренер на Ефес Пилсен, Бенетон и Дарушафака, Октај Махмути, е желбата на Перо Антиќ за нов селектор на Македонија, но се уште е неизвесно дали првиот човек на КФСМ ќе успее да го убеди овој стратег со европско реноме да ја води нашата репрезентација во квалификациите за Евробаскет 2021. Планот за камбек на Марин Докузовски пропадна со повлекувањето на „докторот“, кој сега е заинтересиран само за улога на советник во националниот тим.
Прва идеја на Антиќ била враќање на Александар Џикиќ, но српскиот стратег воопшто не бил заинтересиран за вакво нешто откако беше отпуштен од претходното раководство на помалку од два месеци пред почетокот на Евробаскет 2015. Сега погледите се свртени кон скопјанецот Махмути, кој дефинитивно би дал сериозност на нашиот национален тим во натпреварите против Русија, Италија и Естонија. Овој стратег беше желба и на претходните раководства на федерацијата, но никогаш не беше постигнат договор за да ја преземе националната селекција на земјата од каде е роден. За очекување е разговорите да се интензивираат во наредниот период, по што Махмути ќе даде конечен одговор – дали ја прифаќа понудата на Македонија или Антиќ ќе мора да бара друга опција за селектор.
Доколку на крајот се избере опцијата за домашен стратег, во комбинација би влегол и Докузовски како советник, а селекторската функција во тој случај би била најблиску до Алек Јончевски, кој во периодов држи тренинзи со новоформираната Б-селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА