Македонската одбојкарска репрезентација влегува во последната фаза од подготовките за европскиот шампионат, откако веќе одигра четири контролни средби против Романија и Шведска (еден триумф и три порази). Капитенот Никола Ѓоргиев е свесен дека постои простор за голем напредок, но и потенцира дека главен проблем се повредите што ги следат нашите одбојкари во текот на целите подготовки.
„Ова се навистина пеколни подготовки за нас, секое лето се собираме, но никогаш досега не ни се случило да имаме волку проблеми со повредите. Сето тоа влијае и на формата, премалку тренинзи одработевме комплетни, а во една таква ситуација не може да се очекува да се влезе во топ-форма. Мотивирани сме и работиме квалитетно, но ни треба малку среќа со повредите“ – изјавува Ѓоргиев за ЕКИПА.
Повредениот е и самиот капитен, кој поради проблем со мускулот не настапи на вториот натпревар со Шведска, на кој беше претрпен минимален пораз.
„Имам оток во пределот на квадрицепсот и морам да мирувам. Би требало до петок да бидам повторно во тренажен процес. Генерално гледано дуелите со Шведска послужија за младите одбојкари да добијат шанса, може да се каже дека добро се снајдоа, блокот функционираше многу подобро отколку на првата средба“ – вели најдобриот македонски одбојкар.
Македонија за помалку од 20 дена ќе дебитира на едно големо натпреварување, на Европското првенство во Љубљана, но на Ѓоргиев му е јасно дека мора да се игра на многу повисоко ниво од она што нашите одбојкари го покажуваат во овој подготвителен период.
„Јасно е дека сме предалеку од нивото на игра какво што ќе се очекува од нас на натпреварување како што е европското првенство. Се соочуваме со проблеми за време на натпреварите, но сметам дека тоа е логичен след на работите по бројните повреди. Премалку тренинзи се одржани во комплетен состав за да можеме да играме онака како што сакаме, но мотивирани сме, сакаме да ги одработиме најдобро што можеме овие последни петнаесетина дена и потоа во најдобро можно светло да се претставиме на европскиот шампионат“ – истакнува Никола Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА