Управата на РК Охрид најави санкции против младиот ракометар на оваа екипа, Даниел Андоновски, кој реши да си замине договарајќи го трансферот во редовите на суперлигашот Вардар Јуниор. Андоновски беше дел од младинската екипа на Охрид што стигна до финалето минатата сезона, но шансите за позначајна улога во првата екипа сериозно му се намалија откако клубот ги ангажираше Мартин Манасков и Грузиецот Цителишвили.
Во потрага по клуб каде би добил шанса за посериозна минутажа тој се договорил со Вардар Јуниор, но притоа не побарал никаква дозвола од раководството на РК Охрид.
„На крајот од вчерашниот тренинг Даниел ни кажа дека нема да доаѓа повеќе на тренинзи и ќе го засили Вардар Јуниор. Тој не се појави на тренингот денеска и ние останавме фрапирани поради неговиот потег. Даниел има договор уште три години со нашиот клуб и до сега никој од Вардар не` не контактирал дека го посакуваат него во составот. Тој на своја рака си направи трансфер и не се појави на тренинг и затоа ќе сноси санкција според правилникот од клубот. – изјави спортскиот директор Горан Недески за порталот „ohridnews“.
Даниел Андоновски е син на Горан Андоновски, кој до летово седеше на клупата на Охрид, а неодамна на негово место беше донесен Раде Стојановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА