Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски деновиве е повеќе од интересен за израелските медиуми, во очекување на утрешниот квалификациски натпревар на сениорската репрезентација против Израел во Бер Шева.
Милевски повеќе од четири години мина во израелскиот шампионат како фудбалер на Ашдод, а минатата година и од клупата го водеше овој тим. Па, и тоа како е интересен за Израелците за збор-два околу македонската репрезентација…
„Десет до единаесет фудбалери кои ги селектирав во младата репрезентација која го постигна најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал сега се во сениорскиот тим. Го знам тимот добро и може да кажам дека се работи за одличен состав. Покрај нив, Македонија има и многу искусни фудбалери од топ пет европските лиги, тројца фудбалери од Италија, тројца од Шпанија, но и Англија, Португалија, Франција. Верувам дека ќе биде неизвесен и тежок меч за Израел, тоа е сигурно“ – коментира селекторот на младата репрезентација на Македонија во интервјуто за „Оне“.
На прашањето кого би го издвоил од македонскиот состав, Милевски со одговор…
„Ние се уште го имаме најдобриот фудбалер во историјата на Македонија, Горан Пандев. Тука се и неколку млади фудбалери кои ги тренирав како Барди, Велковски, Николов, Маркоски, Муслиу, Елмас. Играме добар фудбал и може да кажам дека игравме сосема рамноправно до последен атом со Словенија и со Полска, и покрај минималниот пораз“.
Која селекција е со најголеми шанси за пласман на ЕП од оваа група?
„Групата е многу тешка и неизвесна иако на прв поглед е неатрактивна. Со исклучок на Полска која се издвојува, мислам дека Израел, Македонија, Словенија и Австрија се повеќе или помалку израмнети и на слично ниво, па до последно ќе се борат за втора позиција. Тоа е мое мислење“.
А, може ли Македонија да се пласира на Европско првенство преку оваа група?
„Во моментов македонската репрезентација има најголем број интернационалци кои играат во силни лиги во Европа. Што ќе се случи на крај не знам. Се надевам дека ќе се пласираме на ЕП, но ќе биде многу тешко со Израел, Словенија и Австрија“ – вели Милевски, меѓу другото, во интервјуто за израелски „Оне“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

