ЕКИПА во Израел,
Никола Ѓуровски
Македонија заминува од Израел со бод, а можеа да бидат и три. Ќе тежеше повеќе чартерот за Рига, ќе го добиеше и заслуженото нашиот национален тим според играта што ја прикажа. Сепак, остана 1-1 на крајот од дуелот во Бер Шева.
Елиф Елмас ја имаше шансата на мечот во судиското продолжение и се реши да проигра кон петерецот наместо да реализира кога веќе излезе сам пред противничкиот гол. Сепак, селекторот Игор Ангеловски, откако ја погледна видео-снимката од тој момент, вели дека не му се лути на Елмас затоа што избрал да асистира, доколку топката минеше до Адеми на вториот дирек, тоа ќе беше победнички гол за Македонија.
„Не можеме да му се лутиме на Елмас, одигра фудбалски, сакаше да го проигра Адеми на вториот дирек. Доколку топката минеше, ќе беше тоа сигурен гол за нас и веројатно победа. Останува да жалиме за останатите два бода од дуелот во Бер Шева, но сега веќе треба да се насочиме кон натпреварот што ни претстои против Летонија. Ќе биде тоа извонредно важен меч за нас, во кој нашата цел е триумф“, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Попладнево фудбалскиот национален тим со чартер лет патува за Рига, каде в понеделник го очекува уште еден квалификациски натпревар од оваа мини-турнеја надвор од дома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

