Ракометарите на Пролет имаат причина за оптимизам по одличната игра и заслужената победа над Охрид на отворањето на новата суперлигашка сезона. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Тинекс Пролет на отворањето на сезоната, а одличниот тимски пристап е нешто на што тренерот Матлиески ќе инсистира да се задржи и на следните натпревари.
„Охрид се засили со квалитетни ракометари летово, но ние го имаме она што е наш заштитен знак – борбеност и тимска игра. Токму таквиот пристап ни ја донесе победата. Бевме на највисоко ниво во одбраната, се боревме за секоја топка и на крајот заслужено се радувавме на триумфот. Можеби имавме и малку среќа што со Охрид се сретнавме на самиот почеток на сезоната, додека овој тим не е доволно воигран, па ние токму со таа тимска хемија што ја имаме изградено со години дојдовме до посакуваниот резултат“ – истакнува Иван Џонов, крилниот ракометар кој сезонава настапува како десен бек по заминувањето на Мартин Манасков.
Пролет во второто коло го очекува дуел на гостински терен против Металург2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА