Младинскиот репрезентативец Анес Османоски со своите само 19 години е еден од плејадата млади фудбалери во редовите на Брегалница кои веќе сериозно го носат товарот на прволигашките амбиции. Османоски се одлучи од оваа сезона за првпат да биде дел од македонската фудбалска сцена, па по само еден месец од пристигнувањето од редовите на германски Унтерахинг, како што вели, веќе на извонреден начин се вклопува меѓу „сините“. Повеќе од изненаден е Османоски, како што самиот нагласува, од високото професионално ниво на кое функционира Брегалница, но тоа е само начин како да се дојде до остварување на амбициите…
„Навистина сум изненаден од организациската поставеност и условите во Брегалница. Пред да ја прифатам понудата за соработка навистина од разно-разни страни добивав информации за македонскиот фудбал, но и за Брегалница кој е клуб со огромна традиција во Македонија. Слушав позитивни работи за Брегалница пред да дојдам, но навистина може да кажам дека професионалното ниво на кое се работи во клубот е и над моите очекувања. Може слободно да кажам дека ги имаме сите предуслови за 100% работа“ – вели Османоски за официјалната интернет страница на ФК Брегалница.
Фудбалерот од средниот ред веќе е стандарден првотимец во составот на Добринко Илиевски. Восхитен е од одличната атмосфера во тимот која носи позитивни резултати.
„Сезоната ја почнавме одлично. Можеби за многумина и неочекувано вака доминантно, но искрено ние во тимот очекувавме ваков старт. Сепак, добро е што квалитетот го потврдивме на терен. Почетните натпревари ни носат дополнителен мотив за уште подобри партии во продолжението од првенството. Мора да продолжиме во ист стил и без потценување на ниту еден противник. Ако продолжиме така не гледам пречки за нашите амбиции за влез во Првата лига“.
Во следното коло Брегалница ја очекува ново гостување против Саса во Македонска Каменица…
„Нема воопшто да биде лесен натпревар. Саса игра навистина цврсто пред своите навивачи. Но, ние размислуваме само на трите бода и од тој меч и ништо друго“ – истакнува Анес Османовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА