Владислав Остроушко е решението за проблемот на бековската позиција на Работник, откако македонскиот вицепрвак денеска и официјално потпиша договор за враќање на украинскиот бек. Тој се покажа како големо засилување ланската сезона, наметнувајќи се како лидер заедно со Кузмановски во настапите во ЕХФ-Купот, но Остроушко изненадувачки си замина на почетокот од летово и се пресели во романскиот прволигаш Дунареа.
Заминувањето на Кузмановски, надополнето со недоаѓањето на Танкоски (арбитража пресуди тој да остане во Металург) и со повредата на Ратајец го остави тренерот Алушовски „тенок“ на бековката позиција. Токму затоа повторно беа активирани преговорите со Украинецот, кој е добро запознаен со системот на игра на битолските „фармацевти“, па беше пронајден заеднички јазик и постигнат договор за едногодишна соработка.
Остроушко ќе настапи за Работник веќе на неделниот натпревар на домашен терен против Спортинг Лисабон, на премиерата на битолскиот клуб во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА