Историски сет и дебитантски пораз на одбојкарите од Финска

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

ФИНСКА – МАКЕДОНИЈА 3-1 во сетови (25-23, 25-22, 23-25, 25-21)

Македонските одбојкари со пораз го стартуваа Европското првенство во Словенија. Во дебитанскиот меч на континенталниот собир, Македонија загуби од селекцијата на Финска со 3-1 во сетови (23-25, 22-25, 25-23, 25-21). „Црвено-жолтите“ момци имаа сили само за еден историски сет, но Финска сепак беше за нијанса подобар ривал во текот на дуелот.

Мотивирано го стартуваа македонските одбојкари дебитантскиот меч на ЕВРО 2019. Имаа водство од четири поени до самата завршница на првиот сет (18-14, 20-16), но потоа имаа голем пад во играта. Финска го зацврсти блокот, заигра агресивно од последната линија и со серија од 9-3 стигна до освојување на првиот сет (25-23).

Неизвесно беше и во вториот. Финците поведоа со 9-7, но потоа Македонија влезе во поентерска низа, проработи и блокот и поведе со 14-11. Но, одбојката е динамична игра, а Финска знаеше да притисне кога е најпотребно, во финишот на сетот. И повторно го комплетираше во своја корист, со 25-22.

Македонските одбојкари имаа одлични моменти и во третиот сет. Повторно имаа водство и од четири поени (14-10, 19-15), но Финска успеа да израмни на 22-22 откако Љафтов беше сопрен од троен блок.

Сепак, Македонија направи исчекор, токму со ас поенот на Љафтов, а Финците направија грешка за прв историски сет за нас на европските првенства.

Финска поведе со 6-2 во четвртиот сет, но селекторот Никола Матијашевиќ зеде тајмаут, а по него Македонија одговори и израмни на 8-8. Неизвесноста продолжи и понатаму, Финска се одлепи на 19-17 со интелегентниот смеч на Нико Суихконен. До крајот избраниците на Сами Куртила знаеја како да го комплетираат сетот (25-21) и да го заокружат првиот триумф на Европското првенство.

Капитенот Никола Ѓоргиев, Ристо Николов и Александар Љафтов го заокружија мечот со по 14 реализирани поени, финскиот одбојкар Фино Урпула беше прво име на натпреварот со 17 поени.

Македонските одбојкари утре во второто коло (17.30 часот) ќе играат против селекцијата на Турција.

Се вчитува...