Алушовски: Мило ми е што Битола пак ќе гледа ракомет на највисоко ниво

Стевче Алушовски е еден од оние кои испишуваат историја во битолскиот ракомет. Поранешниот репрезентативец беше дел од екипата што го одигра првиот натпревар во ЛШ во дресот на Пелистер, а сега како тренер на Работник ќе го предводи овој битолски клуб во дебито во елитното европско натпреварување.

За мене е голема чест што ќе бидам дел од дебито на клубот во ЛШ. Исто така, среќен сум што Битола по подолг период повторно ќе гледа ракомет од највисоко ниво“ – истакна Алушовски на денешната прес-конференција.

Прв ривал на „фармацевтите“ ќе биде португалски Спортинг Лисабон, а мечот во салата „Боро Чурлевски“ е закажан за недела со почеток во 17.30 часот.

„Немавме среќа со ждрепката, па на стартот ќе играме со најсилниот ривал, по што ќе имаме две гостувања. Противникот е силен, на четирите досегашни официјални средби имаат четири победи. Имаат нов тренер, играат брзо, препознатливо, но ние ќе се обидеме да најдеме против-игра“, вели стратегот на Работник.

Одлична вест за Алушовски е решението на проблемот со бековската позиција, откако битолчани потпишаа договор за враќање на Остроушко, кој лани беше еден од најдобрите ракометар на овој тим.

Остроушко ќе биде големо засилување за нас, штета што не е во натпреварувачки ритам, но очекувам да добие шанса веќе на првиот меч. Замина во Романија, но поради проблеми со работната дозвола беше прекуброен странец. Тоа е среќна околност за нас, бидејќи Остроушко ќе ни биде од голема помош“ – истакна Алушовски.

 

Се вчитува...