Матијашевиќ: Покажавме дека оваа репрезентација има душа

ЕКИПА во Љубљана, 

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Никола Матијашевиќ испиша историја носејќи ја Македонија на едно Европско првенство, а српскиот стратег денеска ја прослави и првата победа со нашиот национален тим на шампионатот во Словенија.

„Мило ми е пред се за луѓето од федерацијата, кои ни овозможија услови за да се пласираме на ова ЕП и добро да се подготвиме за шампионатот. Честитки до одбојкарите за одличната игра, пресуди нивното срце, се покажа дека оваа репрезентација има душа. Бидејќи слушнав дека имало сомнежи во нашите квалитети, мило ми е што тие луѓе кои не ни сакаат добро ќе мора да препознаат дека оваа репрезентација вреди и заслужува добар третман во Македонија“ – изјави македонскиот селектор.

Следен предизвик за нас е дуелот со домаќинот Словенија што ќе се игра утре, а Матијашевиќ најавува дека неговите избраници нема предвреме да се предадат.

„Тоа е репрезентација што може да се носи и со Русија. Тие ќе играат и задутре против Русите, па можно е да играат со втор тим против нас. Нелогично е да најавуваме победа, но сигурно нема да се предадеме. Ќе играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса ќе гледаме да освоиме барем еден сет. Ако освои еден, ќе се обидеме да дојдеме до втор, зошто да не и до трет. Ова е спорт“ – прокоментира Матијашевиќ.

Се вчитува...