Одбојкарска љубовна идила и во Љубљана: Дани и Марија се инспирација за Никола

ЕКИПА во Љубљана

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Во дрес на македонската репрезентација, се разбира со бројот четири, Дани Ѓоргиева од највисоката точка на салата „Стожице“ гледаше како нејзината животна љубов ја води одбојкарската репрезентација до историската прва победа на Европските првенства.

На малата Марија не и пречи бучавата во салата, мирно спие, а Дани затоа мора да биде подалеку од трибините.  Таа е навикната да го следи Никола низ секакви ситуации.

„Не само Никола што не спие кога резултатите не се добри, не спијам ни јас. Неговата вознемиреност е и моја“ – вели Дани во разговорот за ЕКИПА.

„На Никола најтешко му е што не го гледа детето, првпат го виде на два месеци, а летово речиси и воопшто немаше можност да поминува време со нас. Обврските со репрезентацијата му го исполнија целото време. Тука во Љубљана крадеме по некој момент за да се видиме.“

Среќна околност за семејството Ѓоргиеви е тоа што Никола се враќа на европско тло. Кариерата го води во Германија каде што семејството ќе биде заедно. Дани постојано беше со Никола и во Јапонија се додека поради раѓањето на детето не остана во Македонија.

Од патувањата низ светот раскажува различни приказни, но вели најпечатливо за неа е во Јапонија.

„Во Јапонија имаат пракса, партнерките на странците, има само по еден во клуб, да ги водат на гостувањата. Тоа е патување од четврток до недела. Јас одев со клубот на Никола. Има многу да се види. Тоа е сосема поинаков концепт и перцепција на животот во однос на Европа. Од нив има многу да се научи.“

Дани и Марија денеска ќе го бодрат Никола на дуелот против Словенија, па ако се случи чудо и се поклопат коцките и репрезентацијата се пласира во осминафиналето, семејството ќе се сели во Франција.

 

Се вчитува...