ЕКИПА во Љубљана,
Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски
Селекторот Никола Матијашевиќ остана скромен како и секогаш, пофалбите за големата победа над Словенија насочувајќи ги кон репрезентативците.
„Знаете, Македонија цело време играше, но овие два последни меча се нешто неверојатно. Можам само да им честитам на одбојкарите, од срце да им честитам бидејќи ова е нивни неверојатен резултат. Сето она што го договоривме, како да играме, како да блокираме, тие испочитуваа речиси се и затоа репрезентативците се најзаслужни за големата победа. Имаме 14 играчи кои и кога игравме лошо одбиваа да се предадат. Првпат откако сум јас селектор имавме повеќе блокови од противникот, и тоа не против било која селекција, туку против моќната Словенија“ – изјави Матијашевиќ.
Тој се осврна и на делот од јавноста што ги критикуваше репрезентативците по првите порази.
„Искрено се надевам дека сега ќе ги минеме границите и ќе одиме во Франција. Сите се надеваме дека ќе одиме во следната фаза. Ова е голем успех, се надевам дека ќе се најдат стручњаци што ќе ги објаснат добрите игри како што ги објаснуваа лошите настапи при поразите“ – критичен беше селекторот кон оние кои фрлаа со дрва и камења по одбојкарите по почетните неуспеси на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА