Октај Махмути дефинитивно е изборот на Перо Антиќ за нов селектор на Македонија, а потписот на договорот би можел да се случи веќе во следните 72 часа. ЕКИПА го најави Махмути како нов предводник на нашиот национален тим пред околу еден месец, за Антиќ на денешната прес-конференција да потврди дека е блиску до договор со „домашен тренер од странство“.
Октај Махмути е роден скопјанец кој целата тренерска кариера ја мина надвор од границите на Македонија, тој ги одби претходните две раководства на МКФ да стане селектор, но овојпат ја прифати понудата.
Претседателот на КФСМ вечерва објави фотографија со Махмути на својот инстаграм профил, „запечатена“ со македонско знаме, како уште една потврда дека е постигнат договор со наследникот на Јорданчо Давитков.
Македонија се наоѓа во група со Русија, Италија и со Естонија во квалификациите за Евробаскет 2021, во следната фаза се пласираат трите најдобри селекции од секоја група, а со Махмути на клупата јасно е дека шансите за пласман на континенталниот собир се зголемуваат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА