ДРИБЛИНГ: „Еб.ве спортистите ‘легенди’, очи си извадивте а за спортот ништо не направивте“

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Секакви луѓе летаат во облаци, затоа времето е никакво! Па и ние упорно чекаме да дојде време сите оние наши спортски легенди, со екстра играчки кариери а, за жал, со „менаџерска нула“, малку да се приземјат и ако веќе се одлучиле да се впуштат во менаџерските води конечно да разберат дека се тука да му помогнат на спортот, а не да билдаат суети! А и дека може и заедно да функционираат. Како за промена.

Колку само во една реченица може да се опише една мачна состојба во македонскиот спорт која никако да се искорени долги години. А, и тоа како се уште е актуелна и овој период… „Еб.ве спортистите ‘легенди’, очи си извадивте а за кошарката ништо не направивте“ – ќе напише читател на ЕКИПА во свој коментар по последните прозивки, најави за кривични пријави и контра тужби, меѓу две македонски кошаркарски легенди Перо Антиќ и Петар Наумоски… И со само десет збора ќе ја допре суштината на, во голема мера, маката на спортот ни…

Една шака вистински спортски легенди во Македонија, на прсти броени, а до зла мера разјадени. Суета, лични интереси и болни амбиции.., на крај само на штета на спортот. И, секако, не само во кошарката! Ете, жално е кога се гледа, не само начинот на кој комуницираат меѓу себе кошаркарски грамади како Антиќ и Наумоски, туку и очигледната нетрпеливост. И не само низ актуелните последни испраќани меѓусебни пораки преку медиумите, туку и преку континуираните претходни прозивки дури и преку социјални мрежи… А, да се само тие двајца.

Во фудбалот, пак, уште потрагична ситуација. „Легендите“ поделени во тајфи, тајфите секој со своја амбиција само за превласт во федерација или клуб, и никој со никого не комуницира, а секој на секого ги брои пропустите. Тажно е кога еден Вардар долги години е „ринг“ за пресметка на „легендите“. Па и во моментов, неколку имиња кои нешто значат за клубот на функции внатре во клубот, ама на дистанца…

Индивидуалните спортови посебна приказна. Македонија имала „двајца без тројца“ вистински пливачи, ама и тие веќе око не сакаат да си видат. Не тажно и жално, но смешно е кога се читаат „докажувањата кој е кој“ меѓу Александар Маленко, Томи Стефановски или Евгениј Поп Ацев, со уште и јавно, од самите нив, обелоденување за: „безначајноста на натпреварувањата, кои не се олимписки и се за залажување на јавност, во кои се стигнувало до некакви успеси“. Сето тоа што и сите во спортот, па и медиумите, добро го знаат ама го премолчуваме и толерираме затоа што и онака немаме нешто спорт за фалање. Е, сега самите „легенди“ си го вадат на виделина.

За каратето, атлетиката, боксот или борењето…, не треба и да се спомнува. Поделени од дамнина. Во континуирана „крвава битка“, внатре по федерациите, единствено кој ќе се „дограби“ до посакуваната олимписка вајлд карта! И, ништо повеќе…

И уште на сето тоа кога македонски одбојкари, а притоа знаејќи ги сите (не)услови во кои ни живее одбојката, ќе се изборат за првпат во историја за настап на Европско првенство, и место поддршка од свои колеги од Македонија ќе добијат единствено порака „дека се за никаде!“, повеќе од јасна е приказната.

А ние упорно ќе чекаме да дојде време сите оние наши спортски легенди, со екстра играчки кариери а, за жал, со „менаџерска нула“, малку да се приземјат и ако веќе се одлучиле да се впуштат во менаџерските води конечно да разберат дека се тука да му помогнат на спортот, а не за себедокажување, промоција и билдање суети! А, и дека може и заедно да функционираат. Како за промена. Во интерес на спортот. Не подалеку…, нека погледнат само примери од најблиското соседство!

Се вчитува...