Вардар ја забележа и втората победа на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите, откако триумфираше над Порто со резултат 32-27. Португалскиот тим изненади со одлична игра во првото полувреме, но со тоа само ги налути „црвено-црните“, кои одиграа фуриозно во вторите 30 минути и на крајот заслужено се радуваа на победата на првиот домашен натпревар сезонава. Цврстата одбрана на чело со голманот Кугис донесе резултат и овозможи бројни погодоци во празната мрежа, максимално користејќи ги грешките во нападот на Порто при тактика „седум на шест“.
Павел Атман го отвори резултатот во првиот напаад на Вардар, но Португалците одговорија со серија од три гола во следните четири минути. Пивотот Салина Амадор им создаваше многу проблеми на „црвено-црните“, постигнувајќи три гола во првите пет минути од средбата (2-4). „Сино-белите“ продолжија со добра игра да го изненадуваат македонскиот првак, поведоа со 3-6, а при водство на Порто од 4-6 Тимур Дибиров не реализираше пенал.
Кон средината на полувремето две минути исклучен беше Калараш, но „вардарци“ добро се снајдоа, успевајќи да стигнат до израмнување (8-8) благодарение на одличниот Криштопанс. Португалците почнаа и со „седум на шест“, но се повеќе се мачеа во нападот, а Вардар го искористи тоа, преку Чупиќ и Криштопанс поведе со 10-8, по што гостинскиот тренер беше принуден да побара тајмаут. Неговите совети вродија со плод, па за две минути Порто повторно постигна три гола во низа, поведе со 10-11, па Писонеро беше принуден да земе минута одмор за да го консолидира тимот на Вардар.
Кугис го замени индиспонираниот Гедбан на голот на „црвено-црните“, но ситуацијата не се промени, Вардар продолжи со почетнички грешки во нападот, а гостите го искористија тоа и поведоа со 10-14. Скубе беше надвор од ритам, па неочекувано Тимур Дибиров за момент ја презеде улогата на среден бек за организација на нападите на европскиот првак. „Вардарци“ успеаја да се разбудат пред крајот на полувремето, со двата гола на Чупиќ намалија на 13-15, разлика со која се замина на одмор (14-16).
Второто полувреме донесе поинаква слика, Порто не ги искористи првите три напади, а Вардар експресно израмни на 16-16, потоа и поведе со 17-16 со головите што во празна мрежа ги постигнаа Шишкарев и Дибиров. Гостите се почесто греша, „црвено-црните“ стрелаа без голман, па при водство од 22-19 за македонскиот тим, тренерот на Порто повторно беше принуден да побара тајмаут. Сепак, „црвено-црната фурија“ веќе беше почната, а Скубе со извонреден цепелин донесе водство од 25-20. Шишкарев со нови два гола зголеми на 27-20, решавајќи ги сите дилеми околу победникот.
Порто не се предаде, па со четири гола во низа намали на 28-25, но Скубе со гол по извонредна соло-акција го запре последниот налет на противникот, па „вардарци“ рутински го приведоа мечот до крај, до конечните 32-27.
Иван Чупиќ беше стрелец на седум погодоци, исто толку постигна и Криштопанс, а руските крила Дибиров и Шишкарев по пет, голем дел од нив постигнати во празната мрежа на португалскиот првак.
„Црвено-црните“ во третото коло следната недела ги очекува гостување во Украина против Мотор, тим од кој веќе загубија во рамките од СЕХА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА