Под знак прашање е учеството на македонскиот репрезентативец Јован Стојоски на Светското првенство во Доха, Катар, затоа што Атлетската федерација на Македонија одбила да ги покрие трошоците на неговиот тренер Марина Мишиќ, што е пракса секогаш при досегашните настапи на македонските атлетичари на светски натпреварувања.
Како што информираат од АК Охрид, каде Стојоски е член, објаснувањето е дека Мишиќ не била државјанин на Македонија поради што сама мора да си ги сноси трошоците.
СООПШТЕНИЕТО ОД АК ОХРИД ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Со задоволство Ве известувам дека атлетичарот Јован Стојоски-член на Атлетскиот клуб Охрид ќе учествува на Светското атлетско првенство кое, од 29.септември до 06.октомври ќе се одржи во Доха, Катар. Ова е голем успех за Стојоски, за Атлетскиот клуб Охрид но и за неговиот тренер Марина Мишиќ, под чие водство и несебичен напор, Јован Стојоски настапи на Европското првенство до 23 години што во јули годинава се одржа во Шведска каде, и оствари историски резултат за македонската атлетика пласирајќи се во финалето и освојувајќи го 6-то место во Европа. Патем да споменеме дека оваа година Јован Стојоски во повеќе наврати го рушеше рекордот на Македонија на 200м и во оваа сезона оствари историски повеќе од 15 пати резултат над 1000 бодови според светската таблица кој досега ниту еден македонски атлетичар не го остварил.
Но, токму околу тренерот Мишиќ почнуваат проблемите со кои се става дамка на големиот успех на Стојоски, а кои значително ги растажија атлетичарот и целиот охридски атлетски клуб и сериозно го ставија под знак прашалник дури и учеството на атлетичарот Јован Стојоски на престижното Светското атлетско првенство во Доха.
Имено, со допис од Атлетската федерација на Македонија, врвниот тренер Мишиќ со докажан тренерски успех и со волонтерски однос во тренирањето на охридскиот атлетичар, не може, во Доха да патува на трошок на федерацијата иако, таа има уреден договор со Атлетски клуб Охрид и иако досегашна пракса била да во придружба на атлетичарот на вакви првенства исклучиво да оди неговиот тренер кој несебично се вложил во подготовките на атлетичарот и кој најдобро ги знае неговите перформанси.
Овој став на Атлетската федерација, според кој најдобриот атлетски тренер затоа што не е државјанин на Македонија треба сам да си плаќа за учество на Светското првенство, во најмала рака е несериозен и значи крајно игнорантско однесување кон клубот,тренерот и атлетичарот кој остварил најголем успех во македонската атлетика и може сериозно да влијае врз настапот и можеби врз уште едно врвно историско достигнување и пласман на охридскиот атлетичар Стојоски.
Како атлетски клуб, сериозно сме загрижени за оваа состојба во која се наоѓаме и која сериозно влијае врз расположението и формата на нашиот атлетски ас Јован Стојоски.
Со почит,
Претседател на Атлетски клуб Охрид
Пецо Неданов
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА