Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Вирџил ван Дајк вечерва во Милано ќе се борат за наградата „The Best“ која ја доделува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Додека Роналдо и Меси се редовни „осомничени“, Вирџил ван Дајк ќе се обиде за првпат по 2006 година и Фабио Канаваро, да биде дефанзивец кој е избран за најдобар фудбалер во светот.
ЛИОНЕЛ МЕСИ – (Освојување на Ла лига, финале на Копа дел Реј и полуфинале во Лига на шампиони со Барселона и 3. место со Аргентина на Копа Америка)
Да знаете зошто Лионел Меси е најдобар фудбалер во светот ви треба само една работа, да имате очи и да ги користите за да гледате како игра. Aко го гледате вие знаете дека тој е над сите. Неговата вештина и техника е подобра од било кој друг фудбалер во светот. Вие ги гледате неговите голови, неговите дриблинзи, неговите додавања, први контакти со топката и знаете дека овој човек не е од оваа планета.
Доколку не сакате да ги користите очите или не сакате да признаете, тука е да ви помогне статистиката. Веројатно знаете дека Лионел Меси има дадено најмногу голови во лигите во Европа минатата сезона (Меси 36, Мбапе 33). Тој исто така е меѓу петорицата најдобри асистенти во Европа, трет по креираните шанси, четврти по успешните дриблинзи и втор по клучни пасови. Тој е голгетер, плејмејкер и крило во исто време. Меси минатата сезона ја водеше Барселона до титулата во Ла лига со огромни 11 бода предност пред второпласираниот Атлетико Мадрид, а беше и најдобар стрелец во Лигата на шампионите (12).
КРИСТИЈАНО РОНАЛДО – (Освојување на Серија А, италијанскиот Суперкуп со Јувентус и освојување на Лигата на нации со Португалија).
Да бидеме искрени. Роналдо не даде повеќе голови од Меси, не освои Лига на шампиони како Ван Дајк, за првпат во последните неколку години Јувентус не ја освои Копа Италија, па затоа се поставува прашањето: Зошто Кристијано Роналдо?
Роналдо одбра нов предизвик во кариерата. Од доминацијата со Реал Мадрид со кој трипати по ред ја освојуваше Лигата на шампионите, премина во нов клуб, со нов систем и нови фудбалери. Продолжи да биде лидер на Португалија и освои нов трофеј совладувајќи го токму Ван Дајк во финалето. Покажа повторно дека има лидерски способности и дека со различни фудбалери може да освојува трофеи. Беше прогласен за најдобар фудбалер во Серија А, а беше и најдобар стрелец во новиот клуб. Го постигна единствениот погодок во Суперкупот против Милан, а направи и шоу во реваншот од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид кога со три гола успеа да ја надокнади предноста од првиот меч. Беше стрелец на хет-трик и во полуфиналето од Лигата на нации против Швајцарија. И во клубот и во репрезентацијата покажа дека е играч кој прави разлика. Тој е фудбалеркој и соиграчите се угледуваат на него и сакаат да играат со него. Затоа кога ќе се постави прашањето: Зошто Кристијано Роналдо? Одговорот е повеќе од едноставен.
ВИРЏИЛ ВАН ДАЈК – (Освојување на Лигата на шампионите и европскиот Суперкуп, второ место во Премиер лига и Комјунити шилд со Ливерпул и финале во Лига на нации со Холандија)
Работата на Ван Дајк можеби не е да има атрактивни дриблинзи и голови како Меси и Роналдо, но доколку го следевте Ливерпул минатите 12 месеци ќе се сложите дека Ван Дајк веројатно е најдобар фудбалер во светот. Беше избран за најдобар фудбалер во Премиерлигата и Лигата на шампионите минатата сезона. Еден од ретките кој зема индивидуална награда во друштво на Лионел Меси и Роналдо (тоа му успеа и на Модриќ минатата година). Тој успеа одбраната на Ливерпул да ја претвори од една од најлошите во најдобра во Европа. Имаме фудбалер кој знае да покаже смиреност и лидерство. Многу често знаеше да отиде во нападот и да биде незгоден и во противничкиот шеснаесетник. За првпат беше поминат еден на еден од Николас Пепе во победата над Ливерпул од 3-1, по 50 одземени топки по ред. Има неверојатна статистика, има неверојатна сезона со освојување на најважниот трофеј. Ван Дајк е подготвен да му се приклучи на Фабио Канаваро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА