Македонската фудбалска репрезентација ќе биде дел од групите Ц во рамките од новото издание од Лигата на Нации што ќе се одржува во 2020 и 2021 година. Ова беше потврдено и од страна на УЕФА по денешниот конгрес на кој беа потврдени форматите на ова натпреварување.
Нашиот национален тим го освои првото место во својата група од Д-дивизијата, што само по себе значеше промоција во еден ранг повисоко натпреварување. Покрај Македонија, дел од Ц-групите ќе бидат уште и селекциите на Грција, Албанија, Црна Гора, Грузија, Косово, Белорусија, Кипар, Естонија, Словенија, Литванија, Луксембург, Ерменија, Азербејџан, Казахстан и Молдавија. Овие 16 селекции ќе бидат поделени во четири групи од по четири репрезентации, победниците од секоја група ќе се пласираат во Б-дивизијата, додека двете најслаби селекции ќе испаднат во Д-лигата.
Најголемите промени во Лигата на нации се однесуваат на елитата А-дивизија, која од 12 се прошири на 16 селекции, што значи дека четирите репрезентации кои ги освоија последните места во ланското издание нема да испаднат од ова елитно друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА