Куп: Вардар спаси пораз против Шкендија, реми во Битола, Брегалница ги гризна „лавовите“

Вардар и Шкендија ремизираа (2-2) во првиот осминафинален натпревар од Купот на Македонија што се одигра на арената „Тодор Проески“. Патникот во четвртфиналето сепак ќе се решава на реваншот во Тетово.

Шкендија имаше водство од 0-2 по првиот дел, иако од 34.минута остана и со играч помалку откако Гледи Мици заработи црвен картон. Омар Имери во осмата минута донесе предност за актуелниот првак, а Бесарт Ибраими со „бомба“ од 16 метри во 42.минута зголеми на 0-2. Во првиот дел брилјираше голманот на гостите Беким Реџепи кој со неколку одлични интервенции не им дозволи на вардарци да постигнат погодок.

Но, Вардар не се предаде. Бојан Колевски во 72.минута ја намали негативата, а осум минути подоцна Реис Жуниор успеа и да израмни. И Вардар го заврши мечот со играч помалку откако во финишот беше исклучен Дарко Мицевски.

Пелистер и Работнички одиграа 1-1 под „Тумбе Кафе“. Благојче Главески во 38. минута го доведе Пелистер во водство, а израмни Николче Шаркоски во 68.минута. Битолскиот тим не успеа да реализира и пенал преку Љамчевски.

Ренова славеше против Тиквеш во Кавадарци со 0-2. Ремзифаик Селмани и Фисник Зука во финишот постигнаа два гола за „гипсарите“.

Брегалница го совлада прволигашот Македонија ЃП со 1-0, со голот на Пепи Ѓоргиев во првиот дел, во 42.минута. Академија Пандев со 3-0 славеше против Осогово. Ѓорѓи Стоилов беше двоен стрелец, а погоди и Марко Рајковиќ. Лабуништа со 2-0 го победи Охрид.

1/8 ФИНАЛЕ, КУП НА МАКЕДОНИЈА (ПРВИ МЕЧЕВИ)

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 2-2

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 1-1

ШКУПИ – СИЛЕКС 0-0

ТИКВЕШ – РЕНОВА 0-2

ЛАБУНИШТА – ОХРИД 2-0

БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0

БОРЕЦ – СТРУГА ТЛ 0-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ОСОГОВО 3-0

Се вчитува...