Кит Го и Брегалница ремизираа (1-1) во последниот натпревар од 6. коло во Втората лига – Исток.
На натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Пехчево, Брегалница беше подобра од почетокот на натпреварот наметнувајќи агресивно офанзивен ритам. По неколку можности и убави акции на Наумов и Ѓорѓиев, погодокот следеше во 28. минута oткако Стојанче Велинов се најде осамен пред голот на домашните и рутински стрелаше ниско по земја за водство од 0-1.
Во продолжението фудбалерите на Кит Го се обидоа да дојдат до израмнување но „сините“ умешно ја чуваа предноста.
Слично беше и во второто полувреме, без нагласени можности за погодок и на двете страни. Се до 71. минута кога по нафрлувањето од слободен удар од десната страна пред голот на Брегалница, стоперот Дарко Стојанов со глава неспретно ја затресе сопствената мрежа за израмнување, 1-1.
До крајот на натпреварот, и покрај тоа што штипска Брегалница беше таа која што се обидуваше да дојде до трите бода сепак не успеа да го загрози противничкиот гол за конечни 1-1.
Брегалница сега е со пет бода заостанување зад лидерот Тиквеш кој вчера славеше со 0-1 на гостувањето против Каменица Саса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА