Манчестер Јунајтед одигра 1-1 против Арсенал на „Олд Трафорд“ и падна на десеттата позиција на табелата во Премиер – лигата со само девет бода. Тоа е првпат по повеќе од една деценија „црвените ѓаволи“ да имаат ваков очаен старт и помалку од десет бода по седум кола во англискиот шампионат.
Скот Мектоминај во последната минута од првиот дел донесе водство за Јунајтед, но Де Хеа иако бранеше на завидно ниво, сепак, во второто полувреме мораше да ја вади топката од сопствената мрежа. Пјер – Емерик Обамејанг во 58.минута успеа да го израмни резултатот.
Во прв момент беше досудена офсајд позиција, но по прегледување на ВАР снимката се покажа дека е сосема регуларен погодок и „топчиите“ прославија израмнување. До крајот немаше промена на резултатот, иако шанси имаа Сака за гостите и Погба и Рашфорд за составот на Јунајтед.
Арсенал по освоениот бод на „Олд Трафорд“ собра вкупно 12, се наоѓа на четвртата позиција со девет бода негатива во однос на лидерот Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА