Феноменален меч на Нуни Омот: МЗТ со убедлив триумф против Слобода ја почна сезоната во АБА2 лигата (ФОТО)

Македонскиот шампион МЗТ Скопје со убедлив триумф од 110-88 против Слобода Тузла ја почна новата сезона во АБА2 регионалната лига.

Во натпревар низ кој комплетно доминираа во текот на сите четири периоди од играта „металците“ сосема заслужено дојдоа до победата со која најавуваат дека повторно ќе бидат во трка за водечките позиции во второто по квалитет кошаркарско регионално натпреварување.

Првата четвртина МЗТ ја доби со 29-25, на полувремето се стигна до 55-48, по што веќе се најави триумфот кој уште поубедливо беше изразен во второто полувреме за конечни 110-88.

Шутот за три поени беше главното оружје во тимот на Ѓорѓи Кочов, со погодени дури 19 тројки и тоа со само 12 промашувања.

Извонреден натпревар одигра Нуни Омот кој заврши со 33 постигнати поени и тоа со едно промашување од поле (6/6 за тројка, 7/8 за двојка), заедно со три скока и една украдена топка. Дамјан Стојановски запиша 16 поени, Бојан Крстевски дополни со 13 поени, Андреј Магдевски со 12, а Џабари Хиндс и Андреј Маслинко натпреварот го завршија со по 11 постигнати поени.

 

Се вчитува...