Ивановски и Поп Арсова срушија два државни рекорди на „Скопје Ран 10К“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Повеќе од 2.000 атлетичари и рекреативци денеска и трета година по ред ја заокружија манифестацијата „Скопје Ран 10К“ во главниот град на Македонија.

Во машка конкуренција триумфираше Дарио Ивановски со 31:07 минути, втор беше Милош Ранчиќ со 33:44 минути, трет беше Атанас Анчевски со 33:49 минути. Во женска конкуренција, пак, прва беше Теодора Симовиќ од Србија со 34:59 минути, второто место го зеде најдобрата македонска маратонка Андријана Поп Арсова со 37:02 минути и на третото место заврши Билјана Кираџиева со 37:59 минути.

Дарио Ивановски заедно со Андријана Поп Арсова срушија два државни рекорди. Ивановски го надмина машкиот државен рекорд на 10 километри на улична трка, додека Поп Арсова го урна женскиот државен рекорд во иста категорија.

Во штафетната трка најдобри беа „Гејм он“ со 36:34 минути, по нив „НРЦ Најк ран клуб“ со 37:55 минути и трети завршија „3Д Девелопмент“ со 38:01 минути.

Во склоп на манифестацијата оваа година се организираше и хуманитарна акција за донации насловена #ЗасадиВоздух каде од продадените dry-fit маици се одделуваат средства за садници кои тимот на „Скопје Ран 10К“ и Град Скопје ќе ги засадат на погодна локација.

 

Се вчитува...