Дејвид Блат од денеска повеќе не е тренер на Олимпијакос, објави грчкиот клуб на својата официјална веб-страница. Трофејниот стратег ги водеше „црвено-белите“ на само еден меч сезонава, по што беше донесена оваа одлука, најверојатно поради болеста со која води борба Блат и која дефинитивно му е приоритет во моментов.
Тој во месец август обелодени дека болува од мултипл-склероза, но потенцираше дека нема намера поради болеста да го прекине својот тренерски ангажман. Во меѓувреме не беа обелоденувани нови детали околу неговата состојба, но самото заминување од кормилото на Олимпијакос е јасен знак дека состојбата не е според желбите на тренерот, неговите најблиски и сите искрени кошаркарски љубители.
„По долги разговори меѓу мене и сопствениците на клубот донесовме одлука за разделба, за доброто на двете страни. Моето време во Олимпијакос беше многу значајно од многу аспекти, благодарен сум им на сите луѓе со кои се сретнав во овој период. На клубот му посакувам се најдобро во иднина“ – порача Дејвид Блат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА