Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје Аеродром во вторoто коло од АБА 2 лигата се соочува со полуфиналниот противник од разигрувањето во минатата сезона, сараевски Спарс. МЗТ во дуелот од вторoто коло гостува, а оди по почетната домашна победа над Слобода.
„Без разлика што двата клуба се познаваат од минатата сезона во која одиграа четири натпревари, ова ќе биде сосема поинаква пресметка бидејќи и двата тима имаат големи промени и речиси нови ростери. Спарс има млада, но талентирана и физички силна екипа која мора да се респектира. Од моите кошаркари очекувам сериозен пристап кон овој дуел и преземање на одговорноста која е пред нив“ – вели во пресрет на натпреварот, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорги Кочов.
Не само што го доби двете пресметки во полуфиналното разигрување, МЗТ беше и двапати поуспешен од Спарс во текот на минатата сеозна. Најубедливата победа, нашиот тим ја забележа на домашен терен кога победи со 93-77. Најнеизвесно беше во првиот дуел од полуфиналето кога МЗТ славеше во гости со само еден поен разлика, 70-71.
„Средбатата против Спарс е шанса да ја потврдиме победата во првиот меч, односно да покажеме дека таа е плод на нашата добра игра, а не на лошиот ден на противникот. Соиграчите ми кажуваат дека никогаш не е лесно да се игра во Сараево, но ако се држиме кон планот за игра и ако ги следиме инструкциите од стручниот штаб, тогаш мислам да дојдеме до поскауваната цел“ – најавува летното засилување, Џабари Хиндс.
Средбата меѓу Спарс и МЗТ Скопје Аеродром е закажана за 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА