Законот за ваучери повторно создава проблеми, но раководството на Ракометната федерација на Македонија со благовремена реакција не дозволи да дојде до прекин на натпреварувањето во Првата лига. Откако Агенцијата за Млади и Спорт не го исполни даденото ветување за навремено доделување на ваучери на клубовите од понизок ранг на натпреварување, РФМ реши привремено да ги покрие трошоците за официјалните лица на натпреварите во Првата лига.
Со оглед на претходните закани на клубовите за штрајк во случај на недобивање на ваучер, челниците на РФМ донесоа одлука да ги покријат судиските и делегатските такси што вообичаено ги плаќаат клубовите. Ова ќе трае се до моментот кога екипите конечно ќе ги добијат ваучерите што ќе им овозможат нормално функционирање.
„Судиските и делегатските такси за Прва машка ракометна лига (втор степен на натпреварување во сениорска категорија) со почеток од претстојното коло (12/13.10.2019 год.) да бидат подмирени од страна на Ракометната Федерација на Македонија се до денот на доделува на ваучерите за прволигашите, согласно законот за данок на добивка од страна на АМС и Владата на РСМ“ – се вели во одлуката што ќе добие потврда преку Управниот Одбор на куќата на ракометот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА